Пандемијата предизвикана од коронавирусот имаше големо влијание врз пазарот на трудот и врз самите професии. Бројни светски медиуми пишуваа за овој феномен, нагласувајќи дека некои од професиите коишто ги знаеме ќе исчезнат, а други ќе се појават, како резултат на пандемијата.

Порталот „Работник“ на оваа тема разговарал со Катерина Златановска–Попова, советник за развој на кариера, која го анализира влијанието на пандемијата врз пазарот на трудот и кариерата.


Златановска – Попова смета дека изминатата 2020, како и оваа 2021 година донесоа тектонски поместувања во поглед на пазарот на трудот, водењето бизнис, како и локалната и светска економија.

„Она што прво би го издвоила како еден голем и забрзан тренд кој беше секако присутен досега кај некои индустрии ( на пример ИТ индустријата) е работа од далечина или работа од „дома“. Намерно го акцентирам ова „дома“ бидејќи многу поголем дел од работните места сега станаа мобилни, прилагодливи, и неограничени во формален простор како канцеларија на пример. И овој тренд очекувам дека ќе се задржи и ќе расте во иднина, сѐ повеќе луѓе од различни професии ќе останат да работат од далечина, а работното место ќе им биде неограничено со простор и време“, вели Златановска – Попова.

Според Златановска – Попова пандемијата ни покажа дека одредени работни процеси можат да се реализираат поинаку, со многу помалку луѓе, од кои многумина ја изгубија работата, и истите да се автоматизираат, односно да бидат заменети со вештачка интелегенција или машини.

Овој тренд се навестуваше и беше очекуван дека неибежно ќе настапи во следните 20-тина години, вели Златановска – Попова, но за жал пандемијата сериозно влијаеше во забрзување на процесот на укинување или „изумирање“ на некои работни места, нагласувајќи го примерот со двете банки кои имаат две експозитури кои се целосно автоматизирани, што значи дека не постојат шалтери и банкарски работници, туку банкомати кои ги покриваат потребните услуги на банката.

Истовремено, од друга страна, како што вели, се појавија нови потреби, и воедно нови работни позиции и професии на полето на онлајн продажбата и испораката на пратки со што кај нас повеќекратно се зголеми и разви овој тип на водење на бизнис.

На прашањето што може да се очекува да произлезе како резултат на пандемијата во однос на пазарот на трудот, Златановска – Попова рече дека некои професии ќе исчезнат и ќе заминат во историјата.

„Паметите дека постоеше професија дактилограф или телефонист на централа? Но затоа ќе се појават нови професии, како што е тренд во сите овие години впрочем. Пазарот на труд е еден неверојатен, динамичен, жив и променлив „организам“ кој незапирливо се менува како што се менуваат потребите на луѓето, новиот начин на живот и сѐ поголемото присуство на технологијата во секојдневото работење и живеење“, вели Златановска – Попова.

Посочи дека за секој од нас е клучно будно да ги следиме трендовите, да не се обехрабруаме од промените туку да размислуваме како да најдеме нови можности и во овие исклучително тешки времиња со големи предзвици.

„Кога последен пат сте се запрашале како ќе изгледа животот во 2035 година на пример, и како би изгледала вашата професија во тоа време? Исто? Поинаку, како поинаку? Можете ли да помислите на некоја нова професија, лудо ви звучи дизајнер на вселенски одела или пилот на дрон – такси? Што би требало да научите или доусовршите за да можете да одговорите на потребите на пазарот на трудот за 5 месеци од сега, за 5 години од сега или за 15 години од сега?“, истакна Златановска – Попова.

Појавата на нови професии, сигурно би барала од оние коишто ќе ги работат да имаат соодветни вештини. Според Златановска – Попова, дефинитвно ќе бидат потребни нови вештини.

„Дефинитивно да…всушност прилагодливоста и жилавоста (градењето на вештината за отпорност) се клучните вештини кои секој од нас ќе треба сѐ повеќе да ги развива и надградува, состојбата со пандемијата и сѐ понагласената економска криза само нѐ „подразбуди“ дека секогаш ќе се појавуваат пречки и предизвици, а најдобриот начин да успееме да ги надминеме е да не престанеме да учиме, да се усовршуваме и лично, и духовно и професионално“, вели таа.

Едноставно, со неколку зборови би рекла: сѐ што ќе нѐ издвојува од машините, вештачката интелигенција и роботите! Појасно кажано, она што некои експерти го нарекуваат меки вештини, или јас би рекла основни вештини, како што се: независно размислување, работа во и со тим, грижа за другите (емпатија), и лични вредности кои ќе нѐ прават уникатни и незаменливи за секоја компанија или работна позиција, заклучи Златановска – Попова.

Оргиналниот текст на работник.ком.мк