„Згасна ентузијазмот кон изјавата на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел дека ЕУ треба да биде подготвена да се прошири до 2030 година.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Европа 2030’ – убав сон, што го гасат Полска, Холандија, Данска и балтичките држави!?“.
„Журнал“ пишува: Овој рок беше отфрлен од неколку земји-членки, меѓу кои Полска, балтичките земји, Австрија и посомничави држави како Холандија и Данска. Според овие земји-членки, Украина, Молдавија и земјите од Западниот Балкан ќе мора да исполнат строги критериуми за да се приклучат, вклучително и за економските перформанси. Додавањето нови држави во европското семејство бара сеопфатни внатрешни реформи. Веројатно тоа ќе бара цели години расправа меѓу сегашните членки на ЕУ.
Кога ќе се изгаснат убавите соништа отстапуваат место на грдите соништа
Францускиот претседател Емануел Макрон ја поддржува идејата за фазно проширување: на земјите кандидати ќе им биде дозволен прво пристап до единствениот пазар пред да станат полноправни членки на ЕУ. Внатрешните реформи, кои би го поттикнале проширувањето, опфаќаат: ревидирање на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, редизајнирање на долгорочниот буџет на ЕУ-блокот и преиспитување на процесот на донесување одлуки, за да се придвижи кон поголема употреба на таканареченото „гласање со квалификувано мнозинство“ во области како што е надворешната политика, каде што во моментов се бара едногласност.
Гаснењето на убавите европски соништа е секогаш придружено со опасност да се претворат во лоши соништа, односно во грдо „расонување“ за земјите-кандидати за членство. Кога станува збор за Балканот згаснувањето на европските соништа носи и опасност за појавување напнатости. Граѓаните од ова поднебје се толку поврзани со Европа што секоја песимистичка порака ја дочекуваат со голем очај. Овој очај потоа го користат деструктивните меѓународни сили, со локални политички структури, за да оживеат сценарија и идеологии, кои завршуваат со напнатости.
Нема членство во ЕУ со корумпирани политичари
Некои аналитичари оценуваат дека со корумпираните лидери, какви што имаме сега, зачленувањето во ЕУ е уште потешко. „Од толку големиот број на ајдуци на слобода и во власта Македонија не може воопшто да се спаси ниту со членство во ЕУ. Во Европската Унија, и да се знае кога и дали ќе влеземе, со овие корумпирани „лидери“ подобро да не се случи тоа. Спасот за Македонија само ако со помош на ЕУ и САД се ослободи од сегашните и претходните корумпирани политичари, кои ја доведоа земјата во катастрофална состојба со криминалот и корупцијата.“ –пишува поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Дел од експертите бараат од судството да собере сили и да се бори против негативните трендови, кои доаѓаат од извршната власт, како што се неодамнешните измени во Кривичниот законик. Според Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика, ставовите кои доаѓаат од клучните судски институции, како што е Врховниот суд, се многу јасни – дека измените се во спротивност со европските стандарди.
Европската комисија во неколку случаи укажа дека треба да се промени употребата на европското знаме како начин за брзо донесување на законите во Собранието. Во регионот донесувањето закони со европското знаме се користи најмногу токму во Македонија. Како што нагласува Ристевска, официјален Брисел веќе подолго време повторува дека парламентарните партии постигнале договор да се отстрани брзата постапка од Деловникот за работа, но е потребна политичка волја да се случи тоа. Таа нагласи дека ЕУ ќе најде начин да ја прекине оваа пракса, која се споменува неколку пати во Извештајот за спроведениот скрининг-контрола во Македонија.
Од Европската комисија неделава соопштија дека се вознемирени, поради начинот како се спроведуваат измените во Кривичниот законик. Тие беа предложени под европско знаме, односно по брза постапка, што ја оневозможува широката јавна расправа, според Европската комисија. Во одговорот на критиките од Брисел, според премиерот Димитар Ковачевски, кажано е дека европското знаме било користено, но не и злоупотребено.