„Журнал“: ВМРО ДПМНЕ со најголема доверба, поради грешките на СДСМ и владејачката коалиција во водењето на државата

„Кога беа објавени резултатите од анкетите, кои покажуваат водство на македонската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, веднаш може да се разбере дека Владата предводена од СДСМ со коалициските партнери не си ја врши работата како што треба.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својот редакциски коментар со наслов „Каде погреши СДСМ, што го зајакнува ВМРО ДПМНЕ?“.

„Журнал“ пишува: „Затоа има незадоволство од СДСМ и коалициските партнери, како и зголемена доверба во партијата, која некогаш ја ‘оскуба’ државата. Јакнењето на ВМРО ДПМНЕ повеќе говори за слабоста на СДСМ, на партијата која порасна и дојде на власт врз грбот на Албанците, а сега не знае како да раководи и како да им излезат пресрет на граѓаните. Враќањето на ВМРО ДПМНЕ во Владата во период кога земјава е блиску до добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ ќе предизвика враќање назад во ова евроинтегративно патување.“

„Грешките на СДСМ доведуваат до јакнење на ВМРО ДПМНЕ?“

„Довербата во правосудството изнесува само 8 отсто и овој алармантен процент како причина за вознемиреност го нагласи и поранешната амбасадорка на САД Кејт Бернс. Но, слабото раководење на СДСМ со државата не се докажа само со слабата доверба во судството, истото се потврди и во здравството, образованието и културата. Загрижува и фактот, што **** Македонија има долг од 7,7 милијарди евра.“

„Лица кои се бараат и криминалци добиваат државјанство на **** Македонија без никаков проблем. Годинава имаше револт на сите синдикати во земјата, а прекумерно расте и корупцијата. Корупцијата е главната причина, поради која младите си заминуваат од земјата. Сите овие неправилности се случија во периодот додека СДСМ управува со државата.“

„Кои се резултатите од анкетата на Маркет Визион?“

„Речиси 60 отсто од анкетираните македонски граѓани одговориле негативно на прашањето дали Македонија се движи во позитивна, или негативна насока. Најголема одговорност за состојбите во земјава испитаниците полагаат на Владата и на владејачките партии (61,2 отсто). Според испитаниците, најголем проблеми, со кои се соочува нашата земја, се инфлацијата и поскапувањето на струјата и нафтените деривати (44%), а 26,3% одговориле во врска со невработеноста и намалувањето на економската активност. Според тоа, 70,3% од испитаниците сметаат дека најголем проблем во земјава се економските фактори. Од неекономските фактори се издвојуваат криминалот и корупцијата со 20 проценти.“

„ВМРО ДПМНЕ во предност, како прва партија во државата со најголема доверба“

„На прашањето ‘Ако утре се одржат изборите, ќе излезете ли да гласате’, со ‘да’ одговориле 56,6 отсто од испитаниците. Од граѓаните решени да излезат на гласање 18,6 отсто се изјасниле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а 9,4 отсто за СДСМ. Двојната предност на ВМРО ДПМНЕ пред СДСМ јасно укажува на неисполнувањето на очекувањата на граѓаните од страна на владата на СДСМ со коалициските партнери. Според региони, предноста на ВМРО-ДПМНЕ е убедлива во источниот и во Вардарскиот регион, додека електоратот на левицата главно е концентриран во Скопје.“

„Она што е интересно за рејтингот на албанските политички партии во **** Македонија е падот на нивната популарност. Рејтингот на ДУИ паѓа во споредба со претходните анкети, слично како и Алијансата за Албанците и Движењето Беса. A Беса има предност пред Алијансата за Албанците. Постои општо разочарување кај албанскиот електорат од нивните политички претставници.“

„Журнал“ во завршниот дел на својот коментар донесува свој став дека, наводно, „враќањето на ВМРО ДПМНЕ во Владата е штетно за државата, особено на евроинтегративниот пат“, дека „нема западен дух во ВМРО ДПМНЕ“, и оти оваа најголема опозициска партија е „насочена во други правци, кои се спротивни на интересите на државата и граѓаните“. Без да аргументира зошто, оваа информативна агенција „прогнозира“ дека, наводно, „уште полошо ќе биде можна коалиција со Левицата на Апасиев“.