Информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа со наслов „Скопје тешко дека ќе ги отклучи преговорите со ЕУ во јуни – така укажуваат сигналите“, изнесува мислење дека Македонија нема да добие датум за преговори со ЕУ, бидејќи Бугарија не го има сменето ставот во врска со спорот што го има таа со Македонија.
„Се чини дека судбината на преговорите на Македонија со ЕУ е веќе решена, бидејќи нема изгледи дека техничката Влада на Бугарија ќе даде решение за ова прашање. Поради тоа, ние како држава треба да побараме решение за овој спор, со цел да не изгубиме и други можности за интеграцијата.“ – пишува „Журнал“.
Во анализата на агенцијата се изнесува: „Македонија најверојатно нема да може да добие зелено светло за почеток на преговори со Европската унија на самитот во јуни, бидејќи од Бугарија нема сигнал дека го сменила ставот за интеграцијата на Скопје. Оваа позиција на Софија уште повеќе ја усложнува недостигот на политичка стабилност, бидејќи таа држава ја раководи техничка влада, што нема потребен легитимитет да се реши толку важно и сложено прашање.“
„Журнал“ истакнува: „Дека Скопје нема да добие датум за почеток на преговорите јасно се гледа од неодамнешните изјави на премиерот Заев и и министерот за надворешни работи Османи, кои кажаа дека покрај јуни и септември и декември се можни датуми за одржување конференција меѓу Европската унија и Македонија. Премиерот изјави дека Македонија чекала шеснаесет и пол години и оти ништо не менуваат уште два месеца. Тоа ги засилува шпекулациите дека нашата земја нема да добие датум за почеток на преговорите“
„Ако би постоела политичка влада на Бугарија, тогаш притисокот на Брисел би бил многу посилен и тоа би можело да повлијае врз постигањето брза спогодба. Тоа би му овозможило на Скопје добивање ‘зелено светло’ за отпочнување на преговорите“ – нагласува информативната агенција „Журнал“ во својата анализа за евроинтеграциските стремежи на Македонија.