„Резултатите од локалните избори апсолутно ги оправдуваат барањето и притисокот на ВМРО-ДПМНЕ да се оди на предвремени парламентарни избори. Тие избори би биле златна можност ВМРО ДПМНЕ да се врати на власт по 6 опозициски години.“ – констатира информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа со наслов „Кому му одговараат најмногу предвремените парламентарни избори?“

„Журнал“ пишува: „Македонија минува низ силна политичка криза. На маса се неколку опции, од кои едната е проширувањето на актуелното мнозинство, додека од друга страна постои можност за предвремени парламентарни избори. Некои политички субјекти инсистираат на предвремени парламентарни избори, затоа што ако би се одржале, тогаш би произвеле таков резултат, што би ја променил политичката сцена во државата. Октомвриските локални избори произведоа политички земјотрес. Целата ова ситуација ја доведе Македонија на крстопат и во исто време покрена многу дилеми и прашања за тоа кој е најдобриот пат, кој би не однесол кон изнаоѓањето решение за создадената ситуација. Бидејќи, веќе еден месец земјата има и нема парламентарно мнозинство, што претставува казна за функционирањето на државните институции.“

„Во овие околности се појавуваат две можности за излез од кризата. Првата можност е проширувањето на сегашното парламентарно мнозинство со опозициската партија Алтернатива, која штотуку ги започна преговорите за нејзино вклучување. Најверојатно таа во во блиска иднина ќе ѝ се придружи на владејачката коалиција. Ако се случи тоа, тогаш таа би била спасител на таа коалиција. Тоа може да повлијае овој парламентарен состав да го заврши својот четиригодишен мандат, но можностите за такво нешто се многу мали, имајќи ги предвид резултатите што произлегоа од локалните избори. Другата можност, која кружи уште позасилено во јавноста во последниве денови, е одржувањето нови парламентарни избори во 2022 година. Ова го бараат итно опозициските партии, со посебна нагласка на ВМРО ДПМНЕ. На последните локални избори ВМРО ДПМНЕ се потврди како најголема партија во Македонија и таа како таква одбива да остане во опозиција, во исто време обвинувајќи ја актуелната Влада дека нема легитимитет, за да продолжи со водењето на Македонија.“

Кому му одговара повеќе одржувањето предвремени парламентарни избори?!

„Локалните избори произведоа ротација во македонскиот политички камп. СДСМ, како најголема политичка партија врз основа на парламентарните избори од 2020 година, сега е губитник кај македонскиот етникум, бидејќи октомвриските гласања на локалните избори ја исфрлија ВМРО ДПМНЕ од опозицијата сега веќе во улога на прв политички субјект со релативно голема висока разлика во гласови наспрема владејачката партија СДСМ. Во македонскиот политички камп на локалните избори ВМРО ДПМНЕ доби 342.655 гласови, а СДСМ 295.813 гласови. Разликата меѓу двата главни политички субјекта во македонскиот политички камп е релативно длабока – 46.842 гласови во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е јасен показател дека на следните парламентарни избори политичката ротација е неизбежна. Ако врз основа на овие резултати направиме едноставна пресметка и ги претвориме во број на пратеници, ќе видиме дека ВМРО-ДПМНЕ би добила 45 пратеници, а СДСМ 36 пратеници. Поради разликата од 9 пратеници ВМРО ДПМНЕ би станала главен претендент за формирање на идната Влада.“

„Овие резултати ги оправдуваат барањето и притисокот, што ги врши ВМРО-ДПМНЕ да се оди на предвремени парламентарни избори, бидејќи резултатите од последните локални избори се апсолутно во негова корист. Ако тие парламентарни избори би се одржале, тогаш тоа би била златна можност ВМРО ДПМНЕ да се врати на власт само 6 години по одењето во опозиција. Од друга страна, СДСМ се обидува на секој начин да го одбегне одржувањето на предвремените парламентарни избори и тоа го принудува да се сосредоточи кон политичка офанзива да обезбеди пратеници, со цел да создаде стабилно мнозинство во Парламентот. Бидејќи, одењето на нови избори во овие услови би произвело катастрофален резултат за СДСМ, додека преку задржување на сегашната извршна власт таа партија ќе се стреми да закрепне од поразот доживеан на локалните избори.“

„Во албанскиот политички камп ситуацијата не е променета, иако опозициските партии победија во 5 општини на локалните избори. На нив ДУИ доби 103.834 гласови, Алијансата на Албанците со Алтернатива 53.481, Движењето Беса 24.826 и ДПА 8.281 гласови. ДУИ продолжува да биде најголемата политичка сила во албанскиот табор веќе 20 години.“

„Одењето на предвремени парламентарни избори е во корист на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, додека СДСМ и за албанските политички партии е многу неповолно. Најверојатно, пролетта вгодина ќе ни донесе затоплување не само на времето, туку и на политичката сцена во Македонија.“ – заклучува „Журнал“ во својата анализа.