„Ако сега не се отстрани блокадата за отворањето на Уставот, за да се внесат Бугарите во него, тогаш Македонија ќе остане “црна дупка на Балканот“ и затоа е потребен напреден ум да не се дозволи тоа.“ – со „голема загриженост“ се осврнува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ на „загрозената европска иднина“ на Македонија“ во својот уреднички коментар со наслов „Патот кон ЕУ – да учиме од неуспесите, да не ги повторуваме грешките“.

Оставајќи простор за заклучување дека има „назаден ум“ секој, што се спротивставува на апсурдното менување Устав на суверена држава, за да се внесат во него толпа од 3500 Бугари како некаков си „бугарски државотворен народ во Македонија“, „Журнал“ целосно го игнорира отворениот истап на португалскиот премиер Кошта, кој пред три дена беше сосема јасен: „За жал, не постојат критериуми за определување на сопствените можности за прием на нови држави членки. Да бидеме искрени, со моменталната институционална структура, со моменталната буџетска архитектура, Европската Унија нема услови да ги исполни очекувањата, кои што сега ги создава“.

Сепак, наспроти реалноста, „Журнал“ во својот коментар дели вакви „проевропски лекции“ и „предупредувања“: „Целта на **** Македонија останува час поскоро да влезе во Европската Унија. Ако сега се деблокира создадената ситуација и ако Бугарите се вклучат во Уставот, тогаш оптималните очекувања се дека до 2030 година земјата ќе стане членка на ЕУ. Ако ова деблокирање не се случи сега, тогаш крајот никој не може да го предвиди. Многу е голема опасноста да останеме ‘црна дупка’ на Балканот, затоа е потребен напреден ум, за да не се дозволи таквиот неуспех.

„Ниедна лекција не е научена од досегашните грешки“

„Премиерот Димитар Ковачевски повтори дека постои голема и реална опасност на нашиот европски пат. Тоа се партијата ‘Левица’ и Димитар Апасиев. Со својот опасен популизам и против-ЕУ реториката оваа партија станува се помоќна и се повлијателна. Македонските опозициски партии сè уште не ја научиле лекцијата за загубата од 30 години, останувајќи надвор од ЕУ.“

„Придобивките од ЕУ се големи и ќе значат сигурна иднина, подобар живот и побогата младина, која ќе си го гради животот дома, во својата земја, па секој треба да размислува за тоа утре на нашата младина. Јасно е дека и по приемот во ЕУ, Македонија нема веднаш да го достигне просечниот европски животен стандард, но уште појасно е дека целиот регион на Западниот Балкан одамна заслужува полноправно членство во ЕУ и целосна интеграција. Ако сега не се преземе мудра акција, ниту 2030 година нема да биде вистински датум за интеграција!“