„Журнал“: Непреземањето итни економски мерки и тактизирањата на Владата можат да предизвикаат незадоволства и масовни протести

„Владата како да го заборава главниот проблем, со кој во овој моент се соочуваат граѓаните на Македонија – економската криза. Не сакаме да ја потцениме важноста на политичките случувања, важноста на решавањето на проблемот со Бугарија, бидејќи и тие имаат многу важно влијание врз животот на граѓаните. Но, проблемот кој бара поитна грижа и акција е економската криза. Точно е дека целиот европски континент се соочува со криза и раст на цените, но граѓаните на сиромашните земји како што е Македонија потешко се справуваат со кризата отколку граѓаните на развиените земји.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа со наслов „Дали постои опасност револтот на граѓаните да излезе надвор од контрола, ако не се преземат итни економски мерки?“

„Журнал“ пишува: „Поради оваа причина ниту еден друг проблем не треба да биде алиби да се остави економијата во втор план. Една способна и успешна влада мора да има капацитет да се соочи со економските проблеми, без да мора да го остава настрана надминувањето на политичките и стратегиските проблеми, како што е членството во ЕУ, кое во моментов зависи од решението на спорот со Бугарија.“

Секое тактизирање денес може да биде платено скапо утре!

„Не смее да се заборави дека се потребни се најефикасни и најбрзи мерки, за да се надмине енергетската криза, бидејќи граѓаните нема да можат да се справат со зголемувањето на цените на струјата и на храната. Треба сериозно да се сфатат барањата на економските експерти, покрај субвенциите за граѓаните со ниски приходи, да се размислува и за замрзнување на цената на струјата и за намалување на акцизите за горивата, што се очекува донекаде да го намали и сега веќе неподнесливиот притисок врз цените и на другите производи.“

„Треба да се поздрави најавата на министерот за економија Крешник Бектеши дека намалувањето на данокот на додадена вредност од 5 отсто на електричната енергија ќе продолжи толку време колку што ќе трае и енергетската криза. Но, секако ќе бидат потребни и други мерки. На пример, не би било лошо Владата на направи пресметка колку буџетски средства ќе се заштедат со одложување на почетокот на учебната година за уште 10 дена и да подготви соодветен пакет за распределба на тие средства, онаму каде што има потреба.“

„Владата не треба да доцни, туку треба час поскоро да ги соопшти новите мерки, кои ги подготвила, бидејќи иако тие беа најавени до овој момент не се знае точно што ќе се преземе. Повеќето европски земји веќе ги замрзнаа цените на горивата, распределувајќи ваучери ваучери за гориво или за електрична енергија на некои домаќинства. Последен пример е одлуката на шведската влада да одвои ваучери од 670 милиони долари за помош на семејствата, поради драстичното поскапување на струјата.“

„Ние не сме Шведска и Норвешка, но колку што имаме сила толку нашата Влада треба да направи за граѓаните и економијата. Не треба да има тактизирања, бидејќи секое тактизирање денес може скапо да не чини утре, и од економски и од политички и социјален аспект. Тоа може да се пројави низ незадоволства и масовни протести.“ – заклучува „Журнал“ во својата анализа.