„Не треба да се стравува дека евентуалниот судир Русија-Украина би можел да поттикне каква било меѓуетничка напнатост во Македонија. Главните албански и македонски политички сили се во фаза на оптимална соработка меѓу себе. Тоа се одразува и на општите меѓуетнички односи кои се на завидно ниво, веројатно најдобри од осамостојувањето на Македонија. Но, има знаци на страв дека може да се случи некакво вештачко надворешно поттикнување на меѓуетнички напнатости, односно Русија да ја искористи Србија како алатка за предизвикување немири во Македонија и во целиот регион.“ – оценува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата политичка анализа со наслов „Дали евентуалниот судир Русија-Украина може да поттикне меѓуетничка напнатост во Македонија?“
„Журнал“ пишува: „Малку е досега анализирано како би се одразил врз Македонија судирот во Украина, каде што со сигурност силите на НАТО би се вклучиле во одбраната на украинскиот народ. Во површните анализи во политичките кулоари се изразува стравување дека ваквиот конфликт би можел и кај нас да ги врати меѓуетничките напнатости на сцената.“
„Во Македонија живее мало српско малцинство со целосна симпатија кон Русија, но и релативно големо македонско мнозинство со нагласени југоносталгични чувства, кои се на некој начин и чувства за Русија. Од друга страна, имаме апсолутно мнозинство Македонци кои се со прозападна ориентација, како и Албанците, со стопроцентна за-НАТО и за-САД расположеност.“
„Се чини дека оваа ‘поделба на симпатиите’ не претставува опасност за предизвикување некој посериозен проблем. Главните албански и македонски политички сили се во фаза на оптимална соработка меѓу себе. Тоа се одразува и на општите меѓуетнички односи кои се на завидно ниво, веројатно најдобри од осамостојувањето на Македонија. Од друга страна, граѓаните од сите заедници се свесни дека ние во Македонија немаме моќ да влијаеме врз глобалните конфликти, без оглед за која страна имаме симпатии. Поради оваа причина, не треба да се стравува дека е можна каква било меѓуетничка напнатост, поттикната од внатре.“
„Сепак, се чини дека има знаци на страв дека може да се случи некакво вештачко надворешно поттикнување на меѓуетнички напнатости. Честопати се кажало дека Русија може да ја искористи Србија, својот главен сојузник на Балканот, како алатка за предизвикување немири во Македонија, но и во целиот регион. Многу аналитичари оценуваат дека ако Русија се најде во конфликт со НАТО во Украина, таа сигурно ќе се обиде да го прошири фронтот, дестабилизирајќи ги другите земји и региони. Еден таков регион би можел да биде и Западниот Балкан.“
„Ситуацијата е многу сериозна и согласно со тоа државните институции во Македонија треба да се заложат максимално таа тамошна ситуација да има минимален одраз кај нас.“ – заклучува „Журнал“ во својата анализа.
Home Македонија „Журнал“: „Евентуалниот судир Русија-Украина не може да поттикне меѓуетничка напнатост во Македонија“