Животот во мај поскап за 12 %

Трошоците на животот во мај годинава во однос истиот месец лани, се поголеми за 11,9, а цените на мало за 12,1 отсто.

Во однос на претходниот месец трошоците се зголемени за два, а цените на мало за 1,5 проценти.

Според податоците на Државниот завод за статистика, пораст на индексите на трошоците на животот во мај 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 6,7 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 6,2 проценти, млекото за 5,4, лебот и житата за 3,7, кафето, чајот, какаото за 3,1 отсто, сирењето и урдата за 2,9, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 2,7, свежото и разладеното овошје за 2,6 проценти, месото за 2,5, рибата и морските плодови за 2,3 отсто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 1,6, прехранбените производи неспоменати на друго место за 1,1, пивото за 1, жестоките пијалаци за 0,5 и виното за 0,3 проценти.

Во мај, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај медицинските производи за 19, услугите за сместување за 7,5, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 7,4 отсто, накитот, часовниците и рачните часовници за 7, течните горива за домаќинствата за 5,8, домашните услуги и услугите за домаќинствата за 5,7 проценти, туристичките аранжмани за 4,3, обувките за 3,3…. 

Намалување на индексите на трошоците на животот во мај 2022 година, во споредба со претходниот месец, има кај воздухопловниот патнички транспорт за 10,5 отсто, градините, растенијата и цвеќињата за 2,4 проценти и електричните апарати за лична хигиена за 1,2 отсто.