Живко Мукаетов: „Алкалоид е дел од мојата ДНК“

Ова е дел од одговорот на Генералниот директор/Претседател на УО на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов, во интервју за „The Economist’, одговарајќи на прашањето како „Aлкалоид“ кој наскоро ќе одбележи 90 години од своето постоење, успева да се задржи и одржи во врвот во фармацијата на национално и регионално ниво?

Во продолжение дел од интервјуто:

„Чинам дека Алкалоид е дел од мојата ДНК. Мојот татко, учител и ментор, но и еден од основоположниците на модерниот Алкалоид, Трајче Мукаетов, во компанијата помина 34 години од својот работен век, во навистина турбулентни времиња. Јас сум дел од Алкалоид близу 25 години, а речиси 18 сум на позицијата генерален директор. Во својата деветдецениска историја, Алкалоид надминал многубројни кризи, но секој пат покажувал резилиентност и брза адаптација кон промените. Успехот во работењето на Алкалоид се должи, пред сè, на квалитетот на кадрите кои работат во компанијата, на квалитетот на производите, на брендот Алкалоид и поединечните брендови кои ги имаме, а кои ги граделе генерации алкалоидовци, години наназад.

Во последните 18 години, компанијата бележи постојан раст, на што се должи тоа?

Историски гледано, Алкалоид има континуиран раст во изминативе 20 години. Ако во 2005 година, кога јас дојдов на чело на продажните операции на компанијата, имавме продажби од 53 милиони евра, 2023 година ја затвораме со пласмани од над 265 милиони евра. Овој петкратен раст не беше воопшто лесен, а во контекст на успешноста, можеби клучните зборови се квалитет, посветеност и напорна работа. Целта на Алкалоид е да се диференцира преку знаење и развој на производи со додадена вредност. Во моментов, Алкалоид е компанија на повеќе од 2.800 семејства, а секој еден член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да продолжи да расте и да се развива.

Важите за водечки инвеститор во регионот на Западен Балкан. Бевте прогласен за лидер на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан. Што за вас претставува ова признание?

За инвестициските потфати од 2018 до 2022 година, чиј износ достигна сума од 104,1 милиони евра, Алкалоид АД Скопје доби признание за „најголем инвеститор во регионот на Западен Балкан“ од страна на Регионалниот коморски форум WB6.

Оваа, 2023 година, ќе ни биде рекордна инвестициска година, со вложени околу 30 милиони евра. Континуираното инвестирање и унапредување во сите сегменти од работењето ќе остане и натаму високо позиционирано како една од клучните стратешки определби во деловната политика на „Алкалоид“, вели Мукаетов.