Гордост е да се биде Македонец на Цветници, 25 тревен, лето Господово 2021. На четиригодишнината од 27 април 2017 година. Денот за кој долгогодишни робии робуваат Чавков, Пешов, Лазаров, Ѓошевски, Поповски, Пепиќ, Алими, Радулов, Ченто, Југ, Митревски, Додевски, Ангеловски, Трајковски, Михајловски…

Десетици илјади македонски граѓани, со марш од Владата до Собранието, го изразија сопствениот револт за налудничавите обвиненија за измислен тероризам додека во законодавниот дом, кој граѓаните накратко си го вратија во владение пред четири години, се пееше химна на друга држава и со кренати две раце во воздух се избираше спикер, без записник и регуларна процедура. Ден кога се осквернави волјата на македонскиот народ и на мнозинството граѓани на Македонија, потврдена подоцна на пропаднатиот референдум од 30 септември 2018 година. Ден што во ослободена Македонија ќе се изучува како крик против неправдата, како антиципација на велепредавството со промената на името на македонската држава, ден кога беа згазени интересите на македонскиот народ и кога беше трасиран патот за спроведување на туѓи платформи и великодржавни проекти.

Најмалку што заслужуваат осудените за 27 април е ослободување пред евентуално повторно, правично судење за делото за кое гнијат во мемливите македонски зандани. Кога ќе одговараат тие што бесрамно ги прекршија Уставот и Деловникот на Собранието при „изборот“ на Џафери за наследник на Велјановски, ќе може да се дискутира за некаква одговорност на тие што застанаа во одбрана на уставниот поредок.

Катастрофалните последици од фамозниот 27 април ден денес ги чувствува македонскиот народ. Октроираната власт предводена од СДСМ пет пари не даде за јасно изразената волја на народот на пропаднатиот плебисцит од пред три години. Со неподнослива леснотија на своја рака го смени името на македонската држава. Македонците ги сведе на три коси црти и ги направи граѓани на „Северна“. Ги раздаде македонската историја и револуционерите што го положија својот живот за Македонија. Од македонските институции направи „национални“. Ги брусеше македонските симболи.

Нека 25 април 2021 година биде почеток на нивниот крај. Старт на демонтажата на ненародниот, инсталиран режим. Симбол на македонското освестување, будење и кревање глас за сопствените права во својата матична држава, во која Македонците сè повеќе се чувствуваат како потстанари. Неприродна положба на работ на ескалација од насобраниот гнев од напластените неправди и понижувања.

Македонија слободна, слободна ќе живее само кога нејзиниот мнозински народ повторно ќе се почувствува свој на своето. Кога одново ќе ја прегрне оваа грутка македонска земја, татковина и дедовина, кога повторно ќе му се растрепери срцето од гордост и достоинство, кога омаловажувањето на секое поле од сегашните саможивници на власт пак ќе го замени со љубов кон тоа што е. Љубов што се зголемува правопропорционално со секое посегање по неа од анационалната клика што глуми космополитизам додека се срами од тоа што е.