Нека пукнат душманите, ама Вардар се враќа таму каде што припаѓа – во македонската фудбалска елита. И тоа во голем стил, со игра како по ноти за убедлив триумф од 3:0 над досегашниот прволигаш Скопје, за огромна радост на „Комитите“ што се слеаја на Градскиот стадион во Кавадарци од сите страни на Македонија.
За многумина веќе прежалените по неуспехот директно да се пласираат во Првата лига, вардарци како Феникс се кренаа од пепелта и на крилјата на својата верна армија навивачи се издигнаа над сите финансиски проблеми поради кои две сезони се прпелкаа во второлигашкото друштво. Пред неверојатната поддршка од трибините не ни можеа, ниту „смееја“ поинаку Гачевски, Глишиќ, Размоски и останатите херои на Грнчаров. Преголема и пресилна беше енергијата, емоцијата, желбата за прескокнување на бездната што се отвори пред најтрофејниот македонски фудбалски колектив.
Ова што го направија фудбалерите во црвено-црни дресови може да се спореди само со гигантскиот подвиг на вардаровите ракометари, кога играјќи „без пари“ цела сезона стигнаа до втората европска круна. Но, и едните, и другите имаа зад себе вулкан на трибините, симпатизери што и надвор од игралиштето правеа сè што (не) е во нивна моќ за да ги задржат своите миленици на патеката на успехот и на славата. Вистинско сценарио за игран филм со спортска тематика и хепиенд.
Вардар е Македонија и Македонија е Вардар. Така беше и во поранешна Југославија, кога Вардар претставуваше своевидна македонска репрезентација, така е и денес во независна Македонија. Затоа, посегањето по македонскиот фудбалски великан е удар и врз Македонија. Игнорирањето и рамнодушниот сеир над вардаровата голгота е само дел од сценариото за подготовка на теренот за спроведување туѓи агенди од домашни подизведувачи. Бидејќи Вардар е симбол на македонската гордост, тврдокорност, непоколебливост, инает, нескршливост и љубов кон Македонија, а токму тоа им пречи на тие што ѝ мислат (и прават) сè најлошо.
Оттука и еуфоријата во Кавадарци, потоа на плоштадот „Македонија“ во Скопје и насекаде каде што живеат Македонците. Громогласен крик против сите неправди што им беа нанесени сите овие години, а абер нема да запрат ни денес. Наспроти извиците на грчките војници „Го нема Чакаларов, ја нема Македонија!“ по ликвидацијата на костурскиот војвода пред 110 години, „Комитите“ сега порачуваат „Жив е Вардар! Жива е Македонија!“. Заедно со пеењето на „Бисер балкански“ и „Море сокол пие“, како и извиците „Никогаш Северна, само Македонија!“ во славењето заедно со играчите на големата победа во центарот на Тиквешијата.
Фудбалерите и навивачите го сторија своето. Го вратија Вардар на големата сцена, како што и му личи на некогашниот шампион и освојувач на Купот на СФРЈ, а потоа 11-кратен првак на Македонија, петпати победник на македонскиот Куп и единствен овдешен тим што играл во групната фаза од Лига Европа. Сега на потег се тие што можат и сакаат да го одврзат ќесето. Прво, за да се репрограмира огромниот долг и да се одблокира сметката на клубот, а потоа со домаќинско раководење постепено да се исправи на нозе македонскиот фудбалски џин. За да не бидат попусто чудесната атмосфера во Кавадарци и ослободеното огромно количество позитивна енергија што потсети на најславните вардарови денови. Оти друга шанса за консолидација на Вардар кој знае дали некогаш повторно ќе се укаже.