
Министерството за надворешни работи на Летонија соопшти дека ќе бидат направени измени во националното законодавство, според кои нејзините жители што ќе добијат руско државјанство ќе мора да ја напуштат земјата.
„Русија ќе ја разгледа можноста за поедноставување на доделувањето државјанство на Русите кои живеат во балтичките земји… Во овој случај, новопечените руски државјани нема да добиваат дозвола за престој и тие ќе мора да ја напуштат Летонија. Неопходно е да се воведат соодветни појаснувања во националното законодавство“, напиша шефот на дипломатијата Едгар Ринкевич на социјалните мрежи.
Минатата година во членката на Европската унија што на исток се граничи со Русија и бивша советска република беа регистрирани 1,8 милиони жители, од кои 24,48 проценти Руси.