Актуелен советник во општината и поранешен соработник на градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски обвинува за криминал и неколку сторени кривични дела од претседателот на партијата ГРОМ.

Петар Милетиќ од Српската напредна странка го обвинува Јакимовски дека преку бизнис на неговата сопруга и други случаи прави нерегуларни дела кои треба да бидат испитани од власта со која сега лидерот на ГРОМ е во коалиција.

,,Почитувани сограѓани и пријатели, денес, по подолго време им се обраќам на истражните органи во Република Македонија, а со намера да се проверат неколку ситуации. Ќе се обидам да му поставам неколку прашања на Стевчо Јакимовски за да ги појасни фактите:
o Дали е точно дека менувачницата на Стевчо Јакимовски во Сити мол со која работи неговата втора сопруга, во неговиот мандат од 2013. до 2017 година имаше огромен обрт на средства и добивка, а од 2017. до 2021 година, добивката му беше евидентно намалена. Дали е точно дека од 2021. па до денес (01.11.2023.) е повторно зголемена? Зошто е тоа така и дали не станува збор за перење пари или корупција?

o Дали Стевчо Јакимовски со дадената дозвола за Сити мол (во својство на Градоначалник) имал договор со една фирма на добро познат бизнисмен дека во самиот мол ќе има само една менувацница, а која ќе биде резервирана за неговата сопруга, покриена со долгогодишен договор? Дали е можеби веќе во нивна сопственост? Ќе имаат ли храброст неговите сегашни коалициски партнери (СДСМ и ДУИ) да го проверат тоа?

o Дали во моментов има предмет во општина Карпош за кој Министерството за транспорт и врски му поништува две решенија, а се однесуваат на нелегално дооформено земјиште? Дали во тој предмет му се одземени правата на еден сопственик и дали истиот инвеститор го уценува и бара противуслуга за да го реши предметот, а кој според законите на Р.М е кристално чист. И дали на тоа исто земјиште има запишано негови луѓе?

o Дали Стевчо Јакимовски во неговите јавни претпријатија во Град Скопје има именувано заменик директор кој е осуден за местење тендери? Дали Никола Николовски звани Нита беше дел од комисијата во општина Карпош задолжен за исправноста на тендерската документација? Дали добро ме служи помнењето дека заменикот директор го призна делото и беше осуден на една година условно”, прашува Милетиќ.

Петар Милетиќ се смета за одличен познавач на работата на Стевчо Јакимовски затоа што тој во 2014 година стана градоначалник на Карпош со печатот на партијата која во тој момент ја раководеше таткото на Петар, Драгиша Милетиќ.