Француската полиција изврши рација во седиштето на политичката партија на Емануел Макрон, објавија обвинителите во средата, како дел од двете истраги за можни врски меѓу консултантски фирми и предвремена кампања во 2017 и 2022 година, јавува Вол стрит џорнал.
Жандармерија влезе во седиштето на партијата на Макрон, како и во просториите на консултантската фирма „Меккинси” по што аферата го доби и името, јави парискиот весник „Паризиен”.
Информацијата ја потврдија и од државното обвинителство за финансии, пишува „Либерасион” и додава дека и претходно биле претресувани канцелариите на „Меккинси”, но ова е првпат жандармеријата да биде во просториите на партијата на Макрон.
Претресот е извршен врз основа на две истраги што ги води обвинителството, а француските медиуми јавуваат дека жандармеријата ги посетила и канцелариите на финансиери на кампањата.
Француските обвинители во октомври отворија истрага за финансирањето на претседателските кампањи на Макрон и финансиските неправилности поврзани со ангажирањето на консултантски фирми.
