Земјоделците нема да ја дадат земјата на богаташи

Земјоделците нема да дозволат државното земјоделско земјиште да биде поделено на како што велат богаташите и олигарсите кои се збогатија со криминалната приватизација на државните фирми во 90-те години.

На средбата со министерот за земјоделство Аријанит Хоџа, земјоделците му порачаа дека пренамената на земјиштето од земјоделско во градежно по 10 години користење е минимално и скандалозно. Рокот мора да биде според нив најмалку 30 години, пренесе Алсат.

„На ваков начин земјоделското земјиште ќе оди во рацете на грабливците. Сѐ повеќе им се зголемуваат трошоците на земјоделците, тие немаат можност финансиска да го купат ова земјиште“, рече Јордан Трајков, Иницијатива Граѓански фронт.

Тие сметаат дека со таквиот закон бенефит ќе имаат само големите земјоделски компании, но не и малите или индивидуалните земјоделци кои се најголем дел од граѓаните кои се занимаваат со земјоделство во земјава.

Според првичниот предлог не може да се купи помалку од 10 хектари земја.

„Сметаме дека треба да се стави ставка, дали ќе биде еден и пол, два или три хектари, да бидат ставени во законот, или да знаеме однапред колкаво би било земјиштето што ќе може секој земјоделец да си го купи“, рече Христијан Балески здружение земјоделец.