Фактот дека Украинец кој се борел во нацистичка единица во Втората светска војна бил поканет во канадскиот парламент е „голем срам“ за Канада, изјави премиерот Џастин Трудо.

98-годишниот Јарослав Хунка доби овации откако претседателот на Долниот дом Ентони Рота го нарече „херој“ за време на посетата на украинскиот претседател во петокот, пренесуваат медиуми.

Рота рече дека не знаел за нацистичките врски на Хунка и дека згрешил што го поканил на настанот.

Трудо вчера им призна на новинарите дека „е исклучително вознемирувачко тоа што се случи“.

„Ова е нешто што е голем срам за Парламентот на Канада, а со тоа и за сите Канаѓани“, додаде тој. Инцидентот се случи во петокот, кога во парламентот се одржа обраќањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Хунка седеше во галеријата на Долниот дом кога Рота покажа кон него, велејќи дека човекот е украински и канадски херој и дека му се заблагодаруваат за неговите заслуги.

За време на Втората светска војна, Хунка служел во 14-та Вафен-СС гренадиерска дивизија, позната и како дивизија Галиција – волонтерска единица составена претежно од етнички Украинци под нацистичка команда.

Членовите на дивизијата беа обвинети за убиство на полски и еврејски цивили, иако судот не ја прогласи единицата за виновна за воени злосторства.

Единицата беше преименувана во Прва украинска дивизија пред да им се предаде на западните сојузници во 1945 година.