Украинскиот претседател Володимир Зеленски планира утре да го посети Вашингтон во своето прво патување во странство откако Русија ја нападна неговата земја во февруари, објавија американските медиуми.

Американскиот претседател Џо Бајден, за време на посетата на неговиот украински колега , ќе објави нов пакет воена помош за да може Украина да се одбрани од руската агресија, се вели во соопштението на Белата куќа, јавува Би-Би-Си.

Според британските медиуми, станува збор за пакет помош во износ од две милијарди долари, во кој ќе бидат вклучени и системи за противвоздушна одбрана „Патриот“.

Американски специјалисти ќе ја обучуваат украинската војска да ги користи овие системи во неименувана трета земја.

Зеленски во Вашингтон можеби ќе се обрати и пред американскиот Конгрес.

Зеленски призна дека Соединетите Држави се најважниот поддржувач на воените напори, откако веќе обезбедија околу 20 милијарди долари безбедносна помош и уште повеќе во финансиска и хуманитарна поддршка.