Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за германскиот весник „Ди Велт“ ја предупреди Кина да не ја поддржува Русија во нејзината војна против Украина, бидејќи „тоа ќе доведе до светска војна“.
Коментарите на Зеленски дојдоа откога Кина им порача на Соединетите Американски Држави дека не се во позиција да поставуваат барања, откако висок американски дипломат го предупреди својот кинески колега викендот Пекинг да не ѝ дава оружје на Русија во нејзината војна во Украина.
„За нас е важно Кина да не ја поддржува Руската Федерација во оваа војна“, изјави Зеленски за „Ди Велт“. „Всушност, би сакал да биде на наша страна. Во моментов, сепак, мислам дека тоа не е можно“.
„Но, гледам можност Кина да направи прагматична проценка на она што се случува овде“, додаде тој. „Затоа што, ако Кина се здружи со Русија, ќе има светска војна и мислам дека Кина е свесна за тоа“.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во саботата го предупреди високиот кинески дипломат Ванг Ји за последиците доколку Кина обезбеди материјална поддршка за руската инвазија на Украина, велејќи во интервјуто по средбата дека Вашингтон е загрижен оти Пекинг размислува да ѝ испорача оружје на Москва.
Кина и Унгарија се подготвени да соработуваат со други земји за да ги запрат сегашните непријателства, рече Ванг во понеделникот во Будимпешта пред посетата на Москва.
„Кина и Унгарија се мирољубиви земји, затоа, мило ми е што повторно се среќаваме“, рече Ванг во видеото на Фејсбук за време на средбата со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто. „Дозволете ми да го повторам она што тукушто го слушнавме [од вас] и заеднички да му објавам на светот дека Кина и Унгарија со задоволство работат заедно со другите мирољубиви земји за да прекинат сегашните непријателства што е можно поскоро“.