Се празнат тезгите на зелените пазари, трговците се жалат дека муштерии има се помалку, а граѓаните барем оние кои купуваат, реагираат дека парите им ги изела инфлацијата. Ваква е сликата од терен каде јасно се гледа дека прометот на пазарџиите им е опаднат, зашто скапотијата си го направила своето. Се жалат дека давачките им се превисоки, поради што тешко опстануваат, а дел од нив размислуваат и да ги напуштат тезгите.
Пазарџиите бараат пониски цени за закуп на тезги, ама велат, нема кој да ги чуе. Се жалат дека цената за месечен закуп на тезга е над 5.000 денари, што во овие услови е неподносливо.

Проблем се и хигиенските услови, велат пазарџиите, и не се сеќаваат кога последен пат плочниците на пазарите биле измиени со вода. Тезгите се стари и одамна незаменети со нови. Поради тоа често стоката им скапува и трпат загуби. Капак на се е паркирањето, кое им создава дополнителна главоболка.
- 2.000 плаќаме месечно, плус робата, плус даноците, плус се, каде е есапот? А тезгите стари, ништо необновено, така што не знам што да кажам освен – ужасно, велат пазарџиите.
И купувачите се жалат дека скапотијата си го направила своето.
Инаку, последното поскапување на паркингот кај зелениот пазар, односно зголемените цени на „Паркинзи – Центар“, ги дотолчи пазарџиите, кои надомест не можат да добијат ниту преку зголемувањето на цените на производите, зашто така ги бркаат купувачите. Велат ако вака се продолжи, ќе биде крај на пазарот.
Во моментов најдобри услови за работа има на Бит-пазар, најголемиот градски пазар во Скопје, со нови тезги, обновена инфраструктурата на пазарот, како и нов покрив.