Прашувајќи „Како ги елиминирате хашките сведоци?“, косовскиот публицист Идриз Зеќирај во искажувања за косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“ упати обвинувања на адреса на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека тој „помогнал во елиминацијата на некои лица, потенцијални сведоци во Хашкиот трибунал, преку нивното учество во ‘случајот Куманово“. Инаку, „случајот ‘Куманово“ е дводневниот оружен судир меѓу македонската специјална полиција и припадниците на оружената група на Албанци, упадната од Косово, на 9-10 мај 2015 година кога во „Дивото насеље“ во Куманово загинаа 8 полициски специјалци и 14 членови на таа група.

„Бота сот“ пишува: „Аферата ‘Куманово’ за Зеќирај останува ‘нерешена енигма’ и тој вели: ‘Меѓу младите невини момчиња, дел на акцијата беа и некои луѓе силно инкриминирани на Косово поради криминал и пљачка. Медиумите во 2015 година обвинија некои од нив дека во злосторствата и службените кражби тепале и пљачкале за сметка на своите партиски шефови, команданти – зулумќари. Али Ахмети е обвинет дека им дошол на помош на своите колеги – партиски лидери, за да се елиминираат некои од оние, кои беа можни сведоци во Хашкиот трибунал.’

Покрај овие обвинувања на адреса на лидерот на владината партија ДУИ Ахмети, поместени во политичката статија со наслов „Доказите за вмешаноста на Али Ахмети во убиството на браќата Грвала“, „Бота сот“ објавува и други обвинувања кон првиот „интегративец“: „Косово нема се уште отворено истрага за атентатот пред 40 години во Германија врз тројцата албански херои – браќата Јусуф и Бардош Грвала и Кадри Зека. Во врска со него имаше многумина осомничени, меѓу кои е и претседателот на ДУИ Ахмети. Се поставува прашањето: дали може и Ахмети да биде подложен на истрага во Косово во врска со неговата вмешаност во ова убиство?“

„Во врска со сомнежот врз Али Ахмети и неговата вклученост во ова убиство Зеќирај споменува некои сведоштва на политички затвореници во затворот Смрековница, кои го имплицираат и Али Ахмети: ‘Политичките затвореници во 80-тите години во затворот Смрековница, во Вучитрн, го поткажуваа Али Ахмети, донесен од затвор во Македонија, дека затворските старешини го праќале низ павилјоните во Смрековница заради провокации и прислушувања. Новинарот Зоран Божиновски го вмеша Али Ахмети во ликвидацијата на албанските патриоти Грвала и Зека, објавувајќи некои документи, но не се знае дали се тие оригинални. Ахмети е претставен и како двоен шпион со прекар ‘Ибар’. Но, според информативната агенција ИНА, надлежните органи се уште не го потврдиле тоа.“

„Зеќирај вели дека ‘сомнежите се зголемиле кога лидерот на ДУИ го зел како свој политички советник главнообвинетиот за убиството на браќата Грвала и на Кадри Зека’ и додава: ‘Ова беше сфатено во смисла дека тие имаат криминална меѓузависност за прашањето за кое станува збор. Значи, дека злосторството ги поврзува.’ Зеќирај побара од Владата на Косово истрага за убиството на Јусуф и Бардош Грвала и на Кадри Зека: ‘Откривањето на вистината за овој случај се очекува многу долго од народот на Косово и на цела Албанија.“

„Овој публицист изнесе и некои дополнителни сомневања во врска со Ахмети, какви се неговите влегувања и излегувања од Косово, поради кои нему му беше даден епитет ‘скитник’, скитник што се искупил. Ахмети беше дел од Претседателството на Народното движење на Косово, кога Хашим Тачи со кланот од Дреница и во координација со официјална Тирана направи пуч внатре во Народното движење, во дијаспората, за да ја саботира војната на Косово.“ – објави „Бота сот“.

Инаку, во серијата медиумски написи во врска со Али Ахмети се наредува и статијата, која ја објави главниот уредник на „Бота сот“ Идриз Морина на 8.11.2021 година во неговиот весник. Покрај другото, во неа Морина пишува: „Али Ахмети ја имаше поддршката на мафијашките политички кланови на Косово. Дури, на некој начин тој беше и соводач со овие косовски кланови. Чудно е како Албанците можат да тргнат по еден политичар како Али Ахмети, кој е одамна дискредитиран. Единствената надеж за преродбата на Албанците во Македонија е ударот кон компромитираните политичари како Ахмети и другите, кон оние кои се компромитираа за време на војната во Косово и потоа во Македонија, како и по војната.“