Заврши медениот месец во ДУИ: Внатрепартиска битка и “црвен картон” за 2 министри

Лидерот на таканареченото “Чаирско крило” во ДУИ Изет Меџити не се повлекува од намерата политички да се пресмета со двајцата министри на ДУИ кои се на највисоки владини функции.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Меџити, кој беше градоначалник на Чаир во неколку последователни мандати, по истекот на стоте дена од формирањето на актуелната влада планира да поднесе интереплација во парламентот против двајца министри избрани од редовите на неговата партија.

Како што дознава Фокус од извори во ДУИ, станува збор за првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и за министерот за надворешни работи Бујар Османи, за кои Меџити сметаше дека се погрешен избор уште при формирањето на владата.

Дел од познавачите на приликите во албанскиот блок овој чекор го поврзуваат со слабите резултати на ДУИ во владата, со пропаста на преговорите за ЕУ но и со позиционирање во партијата пред одлуката дали лидерот Ахмети ќе замине во Хаг како обвинет.

Меџити заедно со Груби е еден од најсериозните кандидати за иден лидер на ДУИ ако Ахмети заглави во Хашките судници.