Со засадување чинар и прикажување негови фотографии, интервјуа, предавања, во паркчето спроти Наџак / Идадија во неговото омилено Дебар Маало денеска на денот на неговиот родненден му беше одадена почит на еден од најголемите македонски драмски автори Горан Стефановски.
Во присуство на неговото семејство и братот, гитаристот Влатко Стефановски, како и бројни пријатели, колеги, почитувачи, актери, доајени на театарската уметност се слушаше и неговата најомилена музика.
„Тоа дрво е поставено во спомен на Горан Стефановски. Еден живот згасна, ама тука еве друг започнува. Предлагам да го викаме Горан, или Горанчо нагалено, додека да не порасне, па ајде да му кажеме: Здраво Горане. Добредојде дрво. Се надевам дека тука ќе ти биде убаво, дека ќе пуштиш длабок корен и дека ќе бидеш среќно“, рече неговиот син Игор.