Зарем и „Тома“ нè подели?! – Пишува Роберт Димитриевски

„Јеботе, овде сви плачу“, без задршка новинар на белградско „Време“ своевремено ќе ги сподели со читателите своите први импресии од проекцијата во белградските кина на филмот „Евита“ со Мадона во главната улога. Истиов мајстор на пишаниот збор за тогашното деби на малите екрани на латиноамериканските сапуници луцидно ќе забележи дека гледачите во неговата земја се делат на тие што ги гледаат и тие што лажат дека не го прават тоа.

Нешто слично од неодамна се случува и во Македонија со „Тома“. Реки од солзи пролеаја проследувачите на филмската приказна за пејачот на народна музика и кантавтор Тома Здравковиќ по секое прикажување во кино и на телевизија. Се разбира, и тука се јавија такви што тврдат дека не ги трогнало ништо од тоа што ги расплака првите.

Дотука ништо необично и вредно за одбележување. До моментот кога во дебатата на социјалните мрежи не се вклучија и неколку – универзитетски професорки?! Две на едната, третата на спротивната страна. Независно една од друга, сите три ги изнесоа своите ставови „за“ или „против“, по што тие што ги следат се фатија за гуша. Се поделија на два табора и почнаа да си вадат очи меѓусебе, натпреварувајќи се кој повеќе ќе го исплука и навреди другиот.

Море од слава или од друга „собиранка“ се станува и демонстративно се напушта и со половина семејство или пријатели ќе се скараат и нема да си зборуваат. Како до неодамна за промената на името и за политиката/партиите.

Бог да чува и да брани! Уште за филм не се беа поделиле Македонците. Малку им се другите проблеми, па и за „Тома“ се раскарале како млади невести за редот на кладенец.

А бе луѓе, нели за вкусовите не се дискутира? Тоа што за некого е убаво, за некој, па дури и за сите други, можеби е најгрдото нешто. Тоа што кај некого ќе предизвика бура од емоции, друг, едноставно, не го допира. И, што би рекол некогашниот македонски фудбалски селектор Среќко Катанец, „тоа е тоа“.

Може ли барем една јавна дебата, па макар и за навидум прозаична тема, како што е филмот, да се одвива со размена на аргументи, а не на вербални напади? Посебно не врз личноста на застапувачот на одреден став наместо врз тоа што го застапува.

Од каде му правото некому да нарече некого „сељак“ или, ни помалку ни повеќе, предавник (!) (демек југоносталгичар, србофил…) ако плачел на „Тома“? И обратно – дека тие што не го гледале и немаат ни намера да го сторат тоа се самоумислени величини, суетни типови (и типки) на кои им недостигало (водење) љубов во животот?!

Да не е смешно, би било за – плачење. Со или без гледање на „Тома“.