Индикативно соопштение на владеачката СДСМ за можноста сите пратеници во Собранието кои не се дел од СДСМ да се приклучат на партијата на Заев која само пред две години на разни нелегални начини успеа да придобие 8 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за промена на уставот.

„После илинденските празници почнува процесот на преговори за можна коалициска соработка, но она што е јасно е дека сите пратеници во наредниот парламентарен состав ќе имаат можност да се приклучат на прогресивните сили предводени од СДСМ кои обезбедуваат успех, напредок и развој, поддржани од мнозинството граѓани и меѓународната заедница.

Коалицијата што ќе ја предводи СДСМ ќе биде отворена за сите политички чинители, кои прифаќаат да се приклучат на патот кој води напред, односно европскиот пат, патот на правдата и економијата пред се“, се вели во соопштението од партијата на Зоран Заев.

За весникот Вечер оваа изјава на СДСМ значи дека Заев се подготвува за купување пратеници што значи дека избори во Македонија не мора веќе да се одржуваат бидејќи губат секаква смисла.

“СДСМ објави тендер за купување пратеници од другите партии за да добие мандат за составување нова влада. По сите корупции и рекети СДСМ располага со многу пари и може да си дозволи купивање туѓи пратеници и со тоа целосно да ги урне изборите како одраз на воља на граѓаните, а тоа е основен постулат и модел за било каква демократија во државата. Изборите станаа мафијашка трговија.

Дека тоа не е само намера, доказ е што последниве денови пратеници од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ, Алијансата и ДУИ веќе се повикувани на разговор од емисари од СДСМ и нудени им се пари”, пишува Вечер според кој ова не е прашање кое може да го реши опозицијата, ниту судот и обвинителството кои се под контрола на СДСМ, туку ова прашање мора да го реши Европската унија која одлучува за датум за преговори а со држава во која изборите се поништуваат со купување пратеници не е можно да се преговара за членство.

Вечер тврди дека на двајца пратеници веќе им е доставена понуда, на едниот 200.000 а на другиот 500.000 евра за премин во пратеничкиот камп на СДСМ.

Дека тендерот е отворен, пишува порталот, говорат и денешните информации кои ги пренесуваат порталите блиски до Зоран Заев:

“Како држава во наредниот период не очекуваат сериозни предизвици, мора да се работи посветено уште од првиот ден и затоа ова се времиња кога е неопходна стабилна Влада која ќе одработи цел мандат за доброто на граѓаните, влада фокусирана на економијата, правдата и преговорите со ЕУ”.

Додека јавноста се прашува дали Заев со недемократски средства ќе се обиде да заобиколи изборните резултати, од СДСМ на ВМРО-ДПМНЕ му порачуваат дека најпрво треба да обезбеди демократија за своите членови кои не можат да дојдат до израз во така заробена партија, па потоа да обезбедува и придонесува за иднината на нашата земја.