Западнобугарски глупетарии – Пишува Роберт Димитриевски

Е мори кутра Македонијо, што дочека. Еден Еди Рама да те исмева, а Димитар Ковачевски да се смее на тоа.

Идна Западна Бугарија, а? Многу смешно, нема што. Исто како Еди да го претстават како премиер на „идната Југозападна Србија“.

Од пуста желба да се направи духовит пред Мицотакис, Шолц, Вучиќ и Ковачевски во Солун, Рама не само што ја пречекори црвената линија на доброто однесување и на дипломатските манири, туку и им бркна в око на македонските граѓани, посебно на Македонците. По сите (не)можни понижувања по преименувањето на нивната држава со омразената додавка „Северна“, уште само „патронот“ на не помалку омразената Тиранска платформа им недостигаше. Наместо да се расфрла со несолени шеги на туѓа сметка во време на голема напнатост меѓу Македонија и Бугарија најмалку што може да направи е што побрзо да се извини и да вети дека никогаш повеќе нема да дотура сол на отворената македонска рана.

Во нормални земји, пак, оној што слатко му се изнасмеа на невкусното дофрлување досега веќе ќе беше бивш претседател на Владата. Немаше да ги чека жолчните реакции на сонародниците, туку самиот ќе поднесеше оставка како чин на морална одговорност. Ни обичен граѓанин не би премолчил подбивање со неговата земја, а камоли таков луксуз да си дозволи висок државен функционер, кој, меѓу другото, е и платен за да ги застапува нејзините интереси. Освен ако не се очекува премногу од некој октроиран од кралот на гафовите Зоран Заев…

Најголема смешка, ама вистинска, сепак, е реакцијата од СДСМ. „Денеска ВМРО-ДПМНЕ се обиде да извртува иронична изјава на премиерот на Албанија, чиј сарказам е познат во јавноста и се однесува на блокадата на Република Бугарија и односот кон процесот на проширување на ЕУ. Неговиот сарказам и иронија се јавни и познати, но не се и никогаш не биле насочени кон нашата земја, напротив“, ќе соопштат од „Бихаќка“ 8.

Машала. Ни ДУИ вака не би го бранел Рама, па ни неговата Социјалистичка партија. Тоа што огромното мнозинство Македонци го смета за навреда, за Се-Де-Се-то на Нашата Земја да ти било само сарказам и иронија. Оти, нели, ако се од Еди, тие „не се и никогаш не биле насочени кон нашата земја, напротив“. Според тоа, и платформата од Тирана, која политичките лидери на Албанците од Македонија ја потпишаа пред него во премиерскиот кабинет и која ја редефинира македонската држава до непрепознавање, не е насочена кон нашата земја, напротив.

Каква иронија! Или сарказам. Што и да е, само смешно не е. Судејќи според одиумот во македонската јавност, Таче и компанија во тоа ќе се уверат на следните парламентарни избори. Кој последен се смее, најслатко се смее.