Координираните меѓународни санкции замрзнаа 60 отсто од рускиот „воен арсенал“, објави Би-Би-Си.
Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас изјави дека повеќе од 350 милијарди долари од девизните резерви на Русија од вкупно 604 милијарди долари се недостапни за режимот на претседателот Владимир Путин.
Овие „уништувачки“ санкции ја туркаат руската економија „назад кон советската ера“, рече Лиз Трас.
Таа ја повика групата најразвиени Г7 да продолжи со санкциите пред состанокот оваа недела.
Британската министерка за надворешни работи рече дека понатамошните мерки против Кремљ треба да се фокусираат на поморството, банкарството и трговијата со злато, како и да се договори за распоред за елиминирање на увозот на руска нафта и гас.
Министерката додаде дека единствениот начин да се стави крај на војната во Украина е Русија да загуби.