Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека Владата денеска на седница треба да донесе одлука за замрзнување на цените на хигиенските производи, а во тек на неделава да одлучува и за цените на дел од овошјето и зеленчукот.
„Нема да чекаме несоодветно работење на одредени комисии во Собранието. Со одлука на Владата ќе ги намалиме цените на лепеза хигиенски прозводи на истиот начин како што го сторивме тоа и кај цените на прехранбените производи, до одреден датум, но датумот до кога ќе трае замрзнувањето ќе се дознае утре“, најави вчера Бектеши.
Министерството за економија ги доби анализите за овошјето и зеленчукот од Министерството за земјоделство и веќе се утврдува кои од нив ќе бидат со намалена цена.
Според Бектеши, најверојатно во текот на неделава ќе бидат замрзнати цените на повеќе од пет-шест производи. За таа цел се чекаат и анализите од Царинската управа за увозните цени на трговците за да се види колку е разликата во делот на маржите.