Поранешниот шеф на македонската дипломатија, Никола Димитров синоќа во Скопје ја промовираше граѓанската, непартиска иницијатива „Замисли“.
Иницијативата ја сочинуваат непартиски луѓе чија цел е, како што велат, да ги подобрат состојбите во државата, без учество на избори.
„Денеска е незамисливо да закажете преглед кај специјалист. Незамислива е борбата против корупцијата, зашто преку ноќ се менува Кривичниот законик, паѓаат крупни случаи на корупција. Денеска е незамисливо дете да запишеш во градинка без врски. Незамисливо е да дишеме чист воздух“, рече Димитров на промоцијата, пренесе Фокус.
Тој даде неколку примери од Европа и блиското соседствот за тоа дека нештата можат да се подобрат со граѓанско движење.
„Не мора да е тоа преку избори“, кажа Димитров.
Тој се противи на пристапот дека „ништо не можеме да смениме, не зависи од нас“ и додаде дека „ѝ го должиме тоа на следната генерација. Должни сме да им оставиме еден попристоен старт. Зашто дел од луѓето кои ќе треба да ја носат промената, нема да бидат веќе дома“.