Предлог–законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци што го утврди Владата предвидува, меѓу другото, формирање Агенција за контрола на одгледувањето и екстракција на канабис но и формирање специјален фонд од кој граѓаните треба да имаат бенефит.
Владиниот портпарол, Душко Арсовски, вели дека извозот на сув цвет од канабис веќе е започнат, но со предложеното законско решение попрецизно се регулира извозот.
„Се воведува нова давачка од дополнителни десет проценти од проходот од извезените количества – пари кои ќе одат во специјален фонд, објави „360 степени“..
Целта е граѓаните да видат јавно добро. Затоа ќе биде поддржан Фондот за ретки болести, Фондот за медиуми за продукција на содржини од јавен интерес, како и на програмските приоритети во спортот, културата и граѓанскиот сектор. Од Специјалниот фонд ќе биде поддржана и работата на новопредвидената Агенција за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и за научни цели“, рече Арсовски.
На новинарско прашање зошто законот се носи со европско знаменце, Арсовски одговори дека во овој текст се транспонирани повеќе рамковни одлуки и директиви на Европскиот парламент и на Европскиот совет за усогласување на оваа дејност со регулативата на Европската Унија, како и со повеќе меѓународни конвенции.
На прашањето дали со законот се предвидува декриминализација на лична употреба и на одгледување за лична употреба на канабисот, Арсовски одгвоори:
„И сега во казнениот законик е дозволена и не е казнива употребата на канабис за лична употреба, меѓутоа она што е политика на Владата кога веќе се оди во таа насока е да се прави измена и да се допрецизира и тоа јасно да се направи во казнениот законик за да немаме ситуации какви што ги имавме“, рече портпаролот..