Помина предлогот по скратена постапка да се донесат измените на петте закони означени со европско знаменце поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д.
По пленарната седница вчера, ааседаваше и матичната Комисија за европски прашања, која е следниот филтер за законските измени, но само го утврди дневниот ред и според најавите денес треба да почне расправата.
На предлог на Владата, вчера на 115. собраниска седница беше изгласана потребата по скратена постапка да се донесат законите за изменување и дополнување на законите за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10 д.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека владејачкото мнозинство го крши највисокиот акт во државата и Деловникот на Собранието.
Постапката за законите, како што се изјаснија во текот на собраниската дебата, е неприфатлива и за пратениците Борислав Крмов од Левица, Павле Трајанов од Демократскиот сојуз и Маја Морачанин од ДОМ, кои исто така укажаа дека со нив не се врши усогласување на законската регулатива со европското законодавство.