Закерберг: „Фејсбук“ води „трка во вооружување“ со Русија

Основачот и менаџер на социјалната мрежа „Фејсбук“, Марк Закерберг, на сведочењето во американскиот Сенат изјави дека компанијата е во „трка во вооружување“ против хакерски групи спонзорирани од Русија.

Тие, според него, сакаат да ја искористат оваа социјална мрежа за манипулирање избори и за влијание врз јавното мислење.


На сослушувањето свикано откако се откри дека „Фејсбук“ злоупотребил лични податоци на 50 милиони луѓе, 33-годишниот интернет-тајкун го повтори извинувањето за големиот број грешки со кои се соочува „Фејсбук“, од приватноста на податоците до странските обиди за влијание врз изборите во САД.

„Ние не дадовме доволно внимание на нашата одговорност и тоа беше голема грешка. И тоа беше моја грешка. Извинете. Јас го започнав ‘Фејсбук’, го раководам и јас сум одговорен за тоа што се случува тука“.

Според Закерберг, во Русија има луѓе чија цел е злоупотреба на социјалните мрежи, а битката со нив ја нарече „трка во вооружување“. „Фејсбук“ планира да вработи над 20 илјади луѓе до крајот на 2018 година, кои ќе бидат ангажирани за битка против хакери и специјалисти поддржани од Русија.

Тој негираше дека „Фејсбук“, кој месечно има повеќе од 2 милијарди корисници ширум светот, бил монопол, но смета дека Американците треба да се гордеат со социјалната мрежа.

На петчасовното сослушување тој изрази подготвеност да соработува со конгресмените во врска со натамошното законско регулирање на социјалните медиуми.

По сослушувањето на Закерберг акциите на социјалниот медиумски гигант го забележаа својот најголем раст од април 2016 година.