„Заменик министерот за образование Агим Нухиу во интервјуто за вестите во 19 часот рече дека Министерството за образование ја разгледува можноста кривично да ги гони градоначалниците на Велес Марко Колев и на Газибаба Бобан Стевковски поради ‘дискриминација на учениците Албанци’ во нивните општини.“ – објави ТВ Алсат во својата информација со наслов „Нухиу најавува тужба за градоначалникот на Велес и Гази Баба“.

ТВ Алсат пишува: Нухиу рече дека двајцата градоначалници го прекршуваат членот 137 од Кривичниот законик, со тоа што им оневозможуваат на учениците да учат на мајчин јазик и се изложуваат на опасност да бидат казнети со 6 месеци до 5 години затвор. „Ние мислиме дека треба да ги користиме и инструментите од кривично-правниот карактер: тоа е член 137 од Кривичниот законик, кој го санкционира прашањето за еднаквост и недискриминација. Било кој градоначалник, па и оној на Гази Баба, кога ќе се покрене кривична, кога ќе му ставаат лисици за кривично дело, знаете ли какво е кривичното дело, казниво од 6 месеци до 5 години. Кога ќе му ставате лисици на секој градоначалник, кој дискриминира дури и едно дете-Албанец, праќаме друга порака, дека институциите на системот работат и не само со политички битки и да играме цртан филм ‘Томи и Џери’“ – изјави Нухиу.


Запрашан дали ќе се преземе ваквата иницијатива, тој одговори: „Размислуваме да ги пријавиме за кривичното дело според член 137 од Кривичниот законик. Никој не треба да помисли да си игра со чувствата и интересите на децата-Албанци и другите.“ – одговори заменикот-министер за образование Агим Нухиу.

Заканите на Агим Нухиу актуелизираат едно друго прашање: дали и кој, но и кога ќе одговара поради дискриминацијата не на еден ученик-Македонец, туку практично на целата оваа генерација ученици-Македонци во основното образование, кои се ставени во улога на жртви на „реформи“ во образованието, на насилни бришења клучни содржини од националната историја и за мајчиниот македонски јазик во учебниците и наставните програми, со немање обезбедени учебници, иако е наголемо почната учебната година?

Дали, кога и кому ќе му се „стават лисици на рацете“ и кој ќе оди во затвор, поради засилените активности за менување на националната македонска свест, за гаснење на самочувството за македонскиот етничко-јазичен идентитет кај целата генерација ученици-Македонци во основното образование преку „реформираните“ учебници и наставни програми согласно со „добрососедскиот“ „Бугарски договор“, но и со „Преспанскиот договор“?

Дали се ова не е дискриминација на учениците-Македонци според етничка основа, зошто заменикот-министер Нухиу не само што молчи за ова, туку и го спроведува во пракса, а од друга страна се огласува за некои аспекти за образованието само за поодделни паралелки со ученици-Албанци во две општини?