Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, преупреди на, според неа, опасната и кусогледа политика на Вашингтон која ги доведе САД и Русија на работ на директен конфликт.
Захарова одговори на изјавата на портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс кој обвини дека Русија е виновна за влошувањето на американско-руските односи.
„Само напорите на САД да ја задржат американската хегемонија и игнорирањето на новата геополитичка реалност, како и арогантната неподготвеност да се вклучат во сериозен дијалог за безбедносните гаранции, доведоа до предвидлив резултат. По фијаското во Авганистан, САД беа вовлечени во нов конфликт.
САД не само што финансиски и со оружје го поддржуваат неонацистичкиот режим во Киев, туку и го зголемуваат своето воено присуство на теренот.
Ова е опасна и кратковидна политика што ги доведе САД и Русија на работ на директен конфликт. Москва ја повикува администрацијата на Бајден трезвено да ја процени ситуацијата. Се надеваме дека ќе не слушнат во Вашингтон, но засега нема причина за оптимизам“, рече Захарова.
Според Захарова, Русија е „заинтересирана за деескалација на тензиите и договорите“.
„Не се откажуваме од комуникацијата со САД на различни нивоа, но за барем минимален напредок неопходен е и чекор од САД. За тоа е потребна политичка волја, отвореност и подготвеност да се преговара чесно… А тоа е она што во моментов целосно му недостига на Вашингтон“, рече Захарова, пренесува ТАСС.
