„Загина“ таблата со натписот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид

Само пет дена по отворањето, скршена е таблата со натписот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, кој ги зовре страстите во македонскиот Ерусалим, чии граѓани жестоко протестираа во петокот.

„Околу 12:45 часот СВР Охрид доби пријава за оштетување на влезот од бугарскиот клуб ‘Цар Борис Трети’“, потврди портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Од фондацијата „Бугарско сеќавање“ на Милен Врабевски, финансиер на бугарските здруженија во Македонија, со реакција.

„Вандалскиот чин започна додека во клубот се одржуваше средба меѓу членовите на здружението и надворешни посетители. Според очевидци, однадвор почнале да се слушаат извици ‘фашисти’, а кратко потоа следеле удари со секира на таблата на клубот. За среќа, сите присутни успеале да се спасат неповредени, а штетата била само материјална. Полицијата е веќе на лице место и врши увид. Според непотврдени информации, насилникот им е познат на органите на прогонот“, се вели во реакцијата.

Името на клубот, крстен по сојузникот на Адолф Хитлер во Втората светска војна, се најде и пред Уставниот суд благодарејќи на поднесокот од адвокатот Тони Менкиноски, застапник на македонските здруженија во Бугарија пред Судот за човекови права во Стразбур.