Кадарот на СДСМ Павлина Црвенковска која само пред една година стана прв човек на телото за контрола на македонските судии даде оставка од претседател на Судскиот совет без притоа да даде сериозно образложение пред јавноста.

Претседателката на Судскиот совет – највисоко тело во судската власт, меѓу причините за оставката наведува медиумски и судски и бизнис притисоци.

Многумина очекуваа дека Црвенковска заминува по скандалот со списокот на имиња за членови на Управен одбор и на комисиите за приемен и завршен испит на Академијата за судии и обвинители, кои членовите на Судскиот совет не сакале да ги изгласаат, односно предложиле и нивни кандидати бидејќи имале право на тоа.

Но тоа не се случи, Црвенковска во образложението не зборува дека не успеала да наметне свои ставови во судскиот совет туку дава други причини за оставката кои во најмала рака се ,,тенки”.

„Веднаш по мојот избор на функцијата започна медиумска хајка со крајна цел да дадам оставка затоа што мојот избор за претседател не одговараше на група од судската – бизнис елита. До ден денешен хајката не престана преку пласирање лажни информации до новинари, а во континуитет се опструираа и намерно се одолговлекуваа внатрешните процеси во Советот, кои се од клучно значење за успешно завршени задачи и за функционирањето на судството“, вели Црвенковска без да каже кои се луѓето што сакале да ја урнат неа но и целиот судски систем.

Црвенковска не зборува за други перфидни игри кои се поврзани со нејзината оставка а за која таа е и тоа како свесна но лично и одговараат.

Од формален аспект како причина за нејзино заминување може да се анализира случајот пред Уставниот суд каде има претставка за (не)уставноста на став 3 од членот 8 на Законот за Судски совет, со аргумент дека не може секој да биде претседател на Судскиот совет, туку според Уставот, како посебна и независна власт претседател треба да биде само од редот на судиите.

Ова исто така беше и силна препорака во извештајот на Прибе како ЕУ експерт. Претставката за чл.8 пред Уставниот суд е веќе земена во разгледување и Црвенковска може да настрада затоа што таа никогаш не била судијка.

Паралелно актуелниот и екс премиер Ковачевски и Заев во СДСМ имаат потреба од полојален претседател на Судскиот совет.

Партиски извори од Бихаќка кои се противат на апсолутна контрола врз судството и за нив оставката на Црвенковска од таа позиција е со причина на место на Црвенковска што побрзо на да биде избрана Весна Дамева, која беше член на правната партиска комисија во СДСМ, а кариерно била и стручен соработник во Основен суд 1 Скопје, но никогаш не била судија.

Дамевска во Судскиот совет е избрана од собраниското мнозинство на СДСМ и ДУИ на предлог на Претседателот Пендаровски во декември 2019 година.

Откако оваа година ќе ја изберат Весна Дамева на чело на Судскиот совет, веројатно Уставниот суд следната година ќе ја укине одредбата став 3 од чл 8 од Законот за Судскиот совет, но тоа нема да ја засега неа, туку ќе важи за во иднина и таа ќе остане да ги брани интересите на Заев и Ковачевски кога ќе паднат од власт, брифираат упатени луѓе од СДСМ кои се плашат дека партијата со Дамевска ќе влезе во многу лоша епизода кога партијата ќе отиде во опозиција идната година.

Заев и Ковачевски очекуваат Весна Дамева со партискиот бекраунд подобро да ги менаџира процесите за пополнување на Управниот одбор на Академијата за судии, како и да ги спроведува другите кадровски надлежности кон судиите и во судовите во Македонија во потесна координација со СДСМ и ДУИ.

Дополнително, Црвенковска во образложението не кажува дека на посебниот конкурс во Академијата за судии и обвинители, на последниот прием влегла и ќерката на Павлина Црвенковска (со друго презиме затоа што е мажена и има презиме од сопругот).

Ова е само Така дополнителна мотивација на Павлина Црвенковска на која според партиските извори од владеачката коалиција и било ветено дека ќерката во скоро време ќе биде избрана за судија или обвинител на добра позиција.

Овде според изворите на expres.mk треба да се споменат и заканите кон неа дека ако не се повлече за да биде заменета со кадар на Заев и Ковачевски за неа може го јавноста да излезат информации за милионскиот заем на нејзиниот сопруг кон Еуростандард банката кој никогаш не е вратен.

Црвенковска (58) влегува во Судскиот совет како судски советник во Апелацискиот суд во Скопје, каде што работи од 2006 година. Претходно, Црвенковска беше советничка во кабинетот на Владо Бучковски, додека тој беше на чело на Владата – на СДСМ и на ДУИ (2004 – 2006 година) и министер за одбрана (2002 – 2004 година).