Премиерот Заев денеска не сакаше да ги коментира информациите на МКД.мк дека Љубомир Фрчкоски бил одбиен за амбасадор во САД.
Заев денеска објави и нова шпекулација за која, како што рече, слушнал.
“Јас морам да ви потврдам дека ниту Владата ниту друга институција не коментира амбасадори додека не завршат постапките, за било која земја. Тоа сме го правеле дури и за конзули, а не пак за амбасадори. Јас слушнав дека Фрчкоски е за Њујорк, а не за Вашингтон. За еден амбасадор прво се носат одлуки на Влади, па се добива агреман од претседателот, па агреман од земја-домаќин”, изјави Заев.
Повеќе медиуми објавија вест за отфрлувањето на професорот Фрчкоски од САД поради бројни причини, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека власта направила скандал и ја понижила Америка.
“Државава ја тресе нов скандал, вратен предлогот за Фрчкоски за амбасадор во САД поради тепање на жени, нерасветлен атентат врз Глигоров и лустриран кодош”, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Предходно дел од медиумите објавија дека екс заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски е кандидат за амбасадорското столче во ОН во Њујорк.