Дел од јавноста се прашува дали синоќаобјавената фотографија споделена на Фејсбук од премиерот Димитар Ковачевски на која се гледа тој „раме до раме“ со неговиот претходник и лидер на СДСМ Зоран Заев, има за цел да ги демантира информациите за наводна поделеност во СДСМ.
Ковачевски вечерва на својот фејсбук-профил објави фотографии од „координативен состанок на „Стратешкиот тим за европскиот пат“ чиј дел е и екс премиерот.
Заев синоќа беше на иста маса со премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, шефот на кабинетот на премиерот Мартин Попов, поранешниот пратеник и функционер на СДСМ, Игор Ивановски – Шема, и организацискиот секретар на партијата, Митко Трајчулески.
По две години откако поднесе оставка на премиерската и лидерската позиција во СДСМ Зоран Заев се појави во седиштето на владечаката партија.
Ковачевски во објавата вели дека СДСМ има долгогодишно државничко и партиско искуство, посветеност и полна енергија да продолжи со победа и брз чекор по европскиот пат.
„Денешниот координативен состанок на стратешкиот тим е во оваа насока – да направиме сè, да овозможиме целосен државен и национален консензус за исполнување на определбата на огромното мнозинство граѓани, да станеме полноправна европска држава до 2030 година“.
По ова, на Фејсбук се огласи и Заев. Тој порача дека постои државничка одговорност да се преземат храбри и одлучни чекори.
„Демократскиот блок не исклучува, тој здружува. Мораме да осигураме просперитет за македонските граѓани и извесна иднина за нашата држава, напиша поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, во објава на Фејсбук по средбата што ја имаше со врвот на СДСМ во партиското седиште.
Заев во објавата вели дека членството во ЕУ сега се чини најдостижно.
„На тој пат, ние социјалдемократите, имаме државничка одговорност да преземаме храбри и одлучни чекори. Демократскиот блок не исклучува, тој здружува. Тоа е единствената и проверена формула за нов македонски успех“, додава поранешниотлидер на СДСМ.