Заев се откажа од лидерска – Мицкоски ја минирал

Премиерот Зоран Заев нема да организира лидерска средба околу спорот за Бугарија бидејќи неа однапред ја минирал лидерот на опозоцијата Христијан Мицкоски преку објава на својот фејсбук – профил, како и со неговиот однос кој Заев го дефинира како забеган.

Наспроти ставовите на Мицкоски дека претседателот Стево Пендаровски го изгубил кредибилитетот за организирање лидерски средби, Заев оцени дека шефот на државата во своите настапи секогаш бил внимателен кон опозицијата и дека односот кон него, како „врв на политичката пирамида“, е несоодветен.

„Претседателот на државата е врв на политичката пирамида и треба да го почитуваме. Секогаш во своите настапи се водел од својата неутралност и внимателност кон опозицијата и власта, помали или поголеми политички партии и слично. Не е соодветен односот некој вака да се постави кон претседателот, кој секогаш им бил на располагање на сите – и на Мицкоски, и на Заев, и на Ахмети, и на Села…, а верувам и кон помалите партии“, рече Заев.

„Мицкоски во својата објава напиша: ,да – ќе се разговара за техничка влада, да – ќе се разговара за неспособноста на државата, да – ќе се разговара за неспособноста да се справи владата со коронавирусот’ …“ зошто и за што тогаш да разговараме? Не се согласувам со тие негови прашања“ изјави Заев.

„Покажаме како Влада дека водиме сметка за нашите црвени линии во разговорите со Бугарија, за жал не ја добивме првата меѓувладина конференција, но ќе ја добиеме. Се справуваме со коронавирусот и подобро од многу поразвиени земји, но не сакаме честа и достоинството на здравствените работници да ја погазиме на лидерска средба заради ставовите на еден лидер од опозицијата за кои може да се каже дека се забегани. Затоа не гледам причина да свикам лидерска средба, ќе барам други алатки да информирам за разговорите со Бугарија”, изјави Заев.