Заев подготвен во Уставот да се внесат и Торбешите, пред влезот во ЕУ?!

Премиерот Зоран Заев најави дека пред влезот во Европската унија во Уставот на Македонија ќе биле внесени и Торбешите!

„Отсекогаш ставот на Владата бил дека пред влезот во ЕУ мора да го отвориме Уставот. Една од причините се помалубројните заeдници кои живеат тука и треба да се внесат. Тоа го направи Хрватска пред влезот. Имаме подготвеност, не само за Бугарите, туку и за Хрватите, Торбешите, Египќаните, Австријците, Романците и други, кои и да ги имаме, од помалубројните етнички заедници. Ние сме отворено општество, европска земја и ќе го следиме примерот на европските земји“, изјави претседателот на Владата.

Торбеши е едно од имињата за етничките Македонци со исламска вероисповед, познати и како Македонци-муслимани, па најавата од Заев за нивно посебно регистрирање во највисокиот законодавен акт, покрај Македонците, би значела дополнително ситнење на македонскиот народ.

Станува збор за десетици илјади луѓе, населени главно во западниот дел на Македонија, кои се цел на доброволна или присилна асимилација, па некои од нив се изјаснуваат како Турци, други како Албанци, иако мнозинството и понатаму се декларираат како Македонци и го зборуваат само македонскиот јазик.