Екс-премиерот Зоран Заев во интервју за грчкиот „Ајидистисис“ вели дека Договорот од Преспа вредеше и допрва ќе се покаже дека вреди затоа што го претвори проблемот во решение, конфликтот во соработка, а непријателството во сојузништво.
Тој патува во Атина каде што ќе учествува на третиот Конгрес на грчката опозициска партија СИРИЗА.
На прашањето за Договорот од Преспа, Заев со контрапрашања:
„Дали пред 2018 година бевме соседи кои не се слушаат, кои не комуницираат и кои имаат непријателски однос едни кон други?“, но и „дали сега сме соседи кои се заедно во НАТО, кои се поддржуваат и штитат меѓу себе, дали компаниите од двете земји соработуваат повеќе од претходно“, како и „дали конечно Грција нема проблем со тоа што ние сме Македонци од Северна Македонија?“
„ Ве повикувам Вам, но и сите кои ќе го прочитаат ова интервју, ставете ја десната рака на вашето срце и одговорете си ги овие прашања, онака како што јас го правам тоа во овој момент. Јас велам: вредеше. И велам дека допрва ќе вреди“, истакнува Заев пренесува Плусинфо.
За одлуката да си поднесе оставка, вели дека „тоа беше сосема исправен и одговорен потег кој покажа и покажува што значи да се чуе гласот на народот и што значи и во најтешките моменти да се придонесува кон политичките вредности за кои се борел и се бори СДСМ“…
