Заев одново за „бетонот“: Преспа го потврди и зајакна македонскиот идентитет

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ниту на двегодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција не отстапува од тврдењето дека тој го бетонирал македонскиот идентитет.

„Во меѓународната политика Преспа стана синоним за успехот на дипломатијата и дијалогот, а за нас дома тоа е Договорот кој го потврди и зајакна македонскиот идентитет. Еднаш засекогаш Македонците и македонскиот јазик се впишаа во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми, никој повеќе не го оспорува тоа“, изјави експремиерот пред старото училиште во преспанското село Љубојно, за кое има иницијатива да се претвори во Центар за промоција на македонскиот јазик.

Изјавата на Заев не кореспондира со најновото условување од Бугарија на евроинтеграцијата на Македонија со откажување од македонскиот јазик и од малцинството кај источниот сосед.