Заев негира договор со Мијалков: Тоа се шпекулации и лаги

Поранешниот премиер Зоран Заев изнесе нови критики околу укинувањето на пресудите против поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, негирајќи ги шпекулациите за наводен договор со Мијалков.

„Најважниот предмет, или меѓу најважните, е тој со незаконското прислушување. И ако не се испорача казна, тогаш останува ризикот и други луѓе во иднина да го прават истото злосторство како што тоа го направиле Груевски и Мијалков. Затоа казна мора да има за секое незаконско дело“, вели поранешниот премиер Зоран Заев во изјава за „Фокус“.

Апелација одлучи да ја укине првостепената пресуда за „Таргет и Тврдина“, а одлуката судот ја соопшти минатиот петок, иако ја донел порано. Предметот претходно со месеци стоеше на одлучување во Апелацискиот суд, што повторно ги подгреа шпекулациите дека се оди на тоа обвиненијата против Мијалков на овој начин да застарат. Според тие тези, така се реализира пакетот што наводно му бил ветен на Мијалков за неговото наводно „залагање“ осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да се одметнат и да гласаат за уставните измени што го аминуваа Преспанскиот договор.

На социјалните мрежи се цитираше постара изјава на поранешниот премиер Заев, од јануари 2019 година, кога и јавно потврди дека Мијалков разговарал со пратениците.

-Сашо Мијалков зборуваше со пратеници поради тоа што верува во тоа решение. Тоа го кажуваше на сите, јавно се зборува во Скопје, насекаде, дека тој зборувал со пратениците. Седел со нив, ги охрабрувал, лично верувал – изјави тогаш Заев.

Во денешната изјава за „Фокус“, Заев вели дека се „шпекулации и лаги“ информациите за наводен негов договор со Мијалков.

-Тоа може да го зборуваат само луѓе што се занимаваат со шпекулации и лаги. Секогаш сум бил транспарентен за сѐ додека бев во политиката. Пратениците гласаа по сопствено убедување и нивните изјави беа насекаде низ медиумите, вели Заев.

Тој додава дека одлучил да ги објави прислушуваните разговори, т.н. „бомби“, и покрај тоа што биле загрозени неговиот и животите на неговите блиски.

-Животот на моите деца, семејството и пријателите беше под прашање, но и покрај тоа, во име на заштита на човековите права, во име на вистината, демократијата и слободата, и за никогаш да не се повтори, јавно беа, лично од мене, споделени доказите за незаконското прислушување, додава поранешниот премиер.

Заев потсетува и дека веднаш реагирал на одлуката на скопска Апелација за враќање на предметот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување на повторно судење.

-И уште еднаш ќе напоменам дека ниту јас, ниту кој било нема да има право да договара работи со кои се кршат законите и се заобиколува одговорност. Животот го ризикував за да го обелоденам незаконското прислушување. Животот на моите деца, семејството и пријателите беше под прашање, но и покрај тоа во име на заштита на човековите права, во име на вистината, демократијата и слободата во Македонија, и за никогаш да не се повтори, јавно беа, лично од мене, споделени доказите за незаконското прислушување на повеќе од 20.000 граѓани. Повеќе од милион разговори предадов на СЈО, додава поранешниот премиер.