„Трагедии се случуваат насекаде во светот го разбирам високиот морален чин за оставките на министерот, заменикот, директорот и економскиот директор.

Не мислам дека целата Влада треба да си поднесе оставка. Должност е на Филипче и заменикот Хасани да ја извршуваат функцијата додека не бидат тргнати и до доаѓање на нови“, соопшти премиерот Зоран Заев кој за својот молк за трагедијата во тетовската болница соопшти дека ги почитувал деновите на жалост.

Вели дека на одлуката дали да ги прифати понудените оставки од министерот за здравство и неговиот заменик, ќе влијаат информациите од форензичкиот и од експертскиот извештај. Тој побара да не се прејудицираат одговорите и да се прават приказни, туку да се остават професионалците да ја завршат постапката.

За тоа кој вршел надзор врз модуларните ковид центри, Заев рече дека надлежните институции ќе дадат информации и дека примопредавањето е опишано во закон, а дека како градоначалник може да каже дека модуларните објекти се различни од цврстите градби.

Немам информации за истрагата. Експерти форензичари од МВР заедно со тимови работат и експерти од Дирекцијата за заштита и спасување работат. Важно ми е да има брз резултат и да биде исклучително експертски и професионално поставен и да ги даде сите одговори на граѓаните, вели Заев.