„Не мислам дека главни осмислувачи и организатори на настаните во Собранието од 27 април 2017 година се Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељановски и другите тука. Според мои сознанија, овие луѓе се изманипулирани од главниот организатор Никола Груевски“ , изјави денеска Зоран Заев во својство на сведок пред Судот.
Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност.
„Мислам дека беа изманипулирани од Никола Груевски. Ова го кажувам, затоа што бев секој ден во Собранието и знам што се случувало и не верувам дека е коректно вакво тешко дело”, рече Заев во поглед на обвинителниот акт.
На почетокот на денешното рочиште, Заев рече дека не може да даде забелешки во однос на водењето на конститутивната седница на 27 април 2017 година.
„Тоа што беше поинакво тој ден беше давањето на збор на пратеници на крајот од говорница или нивно неспречување надвор од Деловникот на неколку минути пред крајот на седницата”, изјави премиерот Заев.
Прашан дали конститутивната седница завршила тој ден, Заев рече „да”, точката за избор на претседател на Собранието, заврши на седницата на 27 април.
На прашањето дали тој лично потпишал барање за продолжување на конститутивната седница, Заев рече дека не се сеќава точно, но дека е сосема можно: „Логично е дека како претседател на парламентарното мнозинство во тој дел сум барал, заедно со останатите колеги, да продолжи седницата се до нејзино завршување”.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.(МИА)