Заев-Меркел: ЕУ интеграцијата на Македонија да не се одложува

ЕУ интеграцијата и на Македонија и на регионот не смее да продолжи да се одложува а постојаниот напредок е нотиран од страна на сите релевантни европски институции и меѓународни партнери на државата, оцени Ангела Меркел на средба со македонскиот премиер Зоран Заев кој денеска ја предводеше владината делегација на проштална средба со германската канцеларка во Тирана.

На билатералната средба со Меркел на која присуствуваа и заменик-претседателот на Владата Никола Димитров и министерот Бујар Османи, премиерот Заев ги изнел позициите л Македонија во однос на потребата за забрзување на евроинтеграциските процеси и за што побрзо решавање на проблемот кој го наметна соседна Бугарија.

Премиерот Заев нагласи дека единствен прифатлив предлог за нашата земја за надминување на блокадата на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со ЕУ, со кој се почитуваат заложбите и на двете страни за унапредување на меѓусебните односи и за евроинтегративните процеси во регионот, соопштија од владината прес-служба.

„Нам ни е потребно што е можно побрзо решавање на политичките пречки и интегрирање на Македонија во ЕУ. Ние успешно ги завршивме нашите домашни задачи, но тоа не значи дека запираме тука, напротив секој ден работиме и се бориме за подобро утре за нашите граѓани”, изјавил премиерот.