Најдоцна за една недела претставници на владата и на коалицијата Алијанса/Алтернатива ќе се сретнат и врз основа на аргументациите изнесени на денешната средба ќе пронајдат трајно решение за лицата кои немаат државјанства.
„Се согласивме дека таа бројка иако е евидентирана на 1.500 лица, во матична евиденција е некаде 800 -850 луѓе и е различна. Притоа разграничивме граѓани коишто имаат извод од матична книга на евиденција односно се родени, што е една проблематка, и граѓани кои се стекнуваат со државјанство со природување односно женење, мажење во државата како друга проблематика, и како да настапиме“, објасни премиерот.
Заев рече дека во следните неколку дена службите интензивно ќе работат за да ги разгледаат и да ги разберат сите опредлози што ги дале двете опозициски партии.
„На тој начин ќе потврдиме сите дека сме за трајно решавање за оние наши граѓани коишто немаат државјанство да добијат државјанство, а притоа тоа да биде согласно европските конвенции за државјанство, согласно меѓународната регулатива за државјанство и согласно сето она што претставува одржливост на решенијата за државјанство“, рече тој.
Во решавање на оваа проблематика, како што кажа, ќе се искористи примерот од 2004 година, кога се решени случаите со повеќе илјади граѓани, пренесе МКД.Мк.