Заев го понижи Пендаровски: Можна нова вонредна состојба од 3 дена

Нецели 24 часа откако претседателот Стево Пендаровски рече дека нема потреба и причини од нова вонредна состојба денеска е ставен пред свршен чин од страна на лидерот на СДСМ кој најави можност за уште три дена вонредна состојба.

Зоран Заев најави дека ќе побара од техничкиот премиер Оливер Спасовски и Владата вечерва на специјална владина седница да изгласаат предлог за продолжување на вонредната состојба за нови три дена.

Лидерот на владеачката партија го предлага по вчерашниот разговор со претседателот ан ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со кого се согласиле предвремените парламентарни избори наместо в недела да се одржат на денот среда. Според Заев, тие наместо на 5 јули, би се одржале на 8 јули.

“Ако се прифати осми јули ќе го замолам претседателот на Владата и министрите да се соберат доцна во текот не денот, да свика владина седница и да донесат предлог за продолжување на вонредната состојба од три дена, овој пат заради договор со опозицијата, бидејќи немаме аргументи заради економски причини да барам вонредна состојба, но тие три дена ќе дадат правно разрешување на можноста, токму на осми јули да одиме заедно на избори”, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Тој денеска во родниот град присуствуваше во изборната кампања во која беа промовирани завршните работи на новото болничко крило од струмичката болница а го придружува техничкиот премиер Оливер Спасовски и министерот за здравство, Венко Филипче.

Според Заев дополнителното кратко продолжување на вонредната состојба, која завршува денеска се прави за да може во понеделник и вторник да гласаат болните и изнемоштените, граѓаните во самоизолација, граѓаните позитивни кои се во болници и дома, сите хронични болни и повозрасните луѓе.

Доколку нема продолжување на вонредната состојба, парламентарни избори треба да се одржат на 5 јули.