Заев: Евроазиска унија не ни паѓа ни на памет

Премиерот Зоран Заев ја отфрла и самата помисла Македонија да стане членка на Евроазиска економска унија, која ја сочинуваат Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија и Киргистан, а Иран и од пред пет дена Србија имаат договори за слободна трговија со неа.

„Веројатно има некоја одбранбена мембрана, ѕид околу Владата, па тешко да стигне таква покана. Затоа што ни на памет не ни паѓа таква работа. Не, нема таква покана и се надевам дека нема ни да стигне“, одговори Заев на новинарско прашање поттикнато од сугестијата од рускиот амбасадор во Европска унија, Владимир Чижов.

„Сигурен сум дека овие земји (Македонија и Албанија – н.з.), кои се кандидатки за членство во ЕУ и неодамна беа ставени ‘под мраз’ од Брисел, би можеле да најдат повеќе разбирање во Евроазиска економска унија“, изјави Чижов во петокот за време на Евроазискиот економски форум во Верона.