„На јасно сме дека до членството ќе поминат можеби уште 5, 7 или 10 и повеќе години, но ЕУ е неопходно да ги исполни своите ветувања, да ни овозможи да го направиме следниот чекор“, истакна премиерот Зоран Заев во емисијата „Conflict zone“ на „Дојче веле“ на англиски јазик.

Премиерот рече дека за жал ЕУ не го испорача ветувањето пред граѓаните на Република Северна Македонија и сега разочарувањето е навистина големо.

Премиерот вели дека европеизацијата и членството во ЕУ немаат алтернатива, пред сè поради вредностите на Унијата кои значат подобра и просперитетна иднина, но додаде дека земјите од Западен Балкан, кои се како своевиден остров оставен во ЕУ на овој начин се оставаат на можноста да се соочат со други влијанија.

Во однос на заедничкиот европски пат со Албанија, премиерот Заев вели дека станува за збор за спојување од практична причина, при што наведе дека секоја земја треба да се оценува самостојно, иако во слична ситуација се најдовме пред неколку години, но во обратна насока кога патот на Тирана беше блокиран.

Според Заев, оваа Влада преку Договорот од Преспа со Грција и со Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија успеа во еден европски манир да реши децениски прашања.  

Премиерот е оптимист дека по формирањето на политичка Влада во Софија се отвора можност за надминување на проблемите околу бугарската блокада и посочи дека македонската влада го задржува курсот на посветеност и пријателство.